Кензо Танге
Од Википедија, слободна енциклопедија
Кензо Танге (丹下健三, Tange Kenzō; 4 септември, 1913 - 22 март, 2005) беше познат Јапонски архитект.
Содржина |
[уреди] Живот
Роден е 1913 во Сакаи, Осака. Во 1935 се запишал на архитектура на токискиот универзитет. Станал асистент-професор во 1946. Во 1949, со својот проект победил на конкурсот за обнова на Хирошима после нуклеарното разурнување. Најпознат сегмент од проектот е „Меморијалниот парк на мирот“. Во 1987 ја добива „Прицкеровата“ награда за архитектура (Во архитектурата се смета како еквивалент на Нобеловата награда). Почина во 2005, а погребната церемонија беше одржана во катедрала која тој ја проектирал.
[уреди] Познати проекти
1955:
- Меморијалниот парк на мирот - Хирошима
1957:
- Поранешната зграда на управата на токиската метрополитенска област - Јуракучо
1958:
- Зградата на префектурата на Кагава - Такамацу, Кагава
1964:
- Римо-католичката катедрала Св. Богородица - Токио
- Салата Јојоги (за летните олимписки игри 1964) - Токио
1965/66:
- План за реконструкција - Скопје
1970:
- План на Expo '70 - Суита, Осака
1979:
- Ханае Мори зградата - Аојами, Токио
1986:
- Технолошкиот универзитет Нанјанг - Сингапур
1991:
- Зградата на управата на токиската метрополитенска област - Шинџуку
1996:
- Зградата на телевизија Фуџи - Одаиба, Токио
2000:
- Хотелот „Токиска купола“ - Токио
2005:
- Hwa Chong International школото - Сингапур
[уреди] Работа на Скопје
По катастрофалниот земјотрес, на плановите за реконструкција на Скопје работеле бројни домашни и странски стручњаци и организации. Подоцна, во 1965 е распишан интернационален конкурс за изработка на план за реконструкција на центарот на Скопје. Конкурсот бил под покровителство на ООН и на него првата награда ја добил Кензо Танге со неговите соработници.
Комплетниот тим на Кензо Танге:
- Арата Исозаки
- Садао Уатанабе
- Казујуки Мацушита
- Џери Ширин
- Коичи Соне
- Јошио Танигучи
- Шуничи Уатанабе
- Такеши Ијама
- Јасуфуми Киџима
- Тадашиге Тадасе
- Шинго Инаока
- Ацуши Арата
- Акира Мураи
- Тошијуки Мацумото
- Ген Като
- Џиро Онума
- Мичио Јамага
Проект-Менаџер бил полскиот архитект Адолф Циборовски (познат по реконструкцијата на Варшава по втората светска војна). Планот на Танге го обмислил Скопје како футуристички град во тоа време. Сепак планот содржел и многу симболика која требало да ја потенцира долгата историја на градот. Како најкарактеристичен пример за тоа е градскиот ѕид, со кој и најчесто се врзува името на Танге кај скопјани. Градскиот ѕид симболизира „тврдина“, асоцирајќи на скопското кале. Во првобитниот проект зградите од градскиот ѕид биле високи 60m. Но поради стравувања дека така ќе се задуши центарот, односно ќе се блокира струењето на воздухот, самиот Танге направил испитувања на моделот во специјализирана лабораторија во Јапонија и го ревидирал планот. Градскиот ѕид бил предмет и на импровизации при неговата изградба 1968-1970, така што денеска е далеку од оргиналната замисла. Меѓу позначајните идеи на Танге се вбројува и транспортниот центар, а и моќна примарна сообраќајна мрежа - булевар Крушевска Република (источен булевар); булевар Македонија (јужен булевар); булеварите Никола Карев и Александар Македонски (северен булевар); булеварот Климент Охридски со тунелот под Кале; за нивно поврзување се предвидени големи клучки околу центарот на градот. Голем дел од проектите предвидени во планот не се реализирани, но најголем дел од нив не се напуштени и се прецртуваат во сите наредни генерални урбанистички планови на Скопје. За жал со текот на годините дури и тоа што беше реализирано често подлежеше на импровизации. Затоа Скопје денеска се соочува со бројни проблеми, кои произлегуваат од делумното спроведување на планот. Дури се слушаат и мислења дека за состојбата во Скопје е виновен самоит Кензо Танге заради „лошиот проект“ кој го изработил. Сепак меѓу стручните лица владее консензус дека проблемите секако не произлегуваат од планот туку од неговата нецелосната реализација. Не треба да се заборава дека покрај Танге, во обмислувањето на Скопје учествувале и бројни други докажани експерти и институции. Во секој случај планот на Танге најчесто добива високи оценки кај стручњаците.