Кирил и Методиј
Од Википедија, слободна енциклопедија
Кирил и Методиј, познати како солунските браќа просветители, имаат голема улога во македонската и општо во словенската историја. Нивното дело ги описмени словенските народи.
Во почетокот на IX век била веќе подготвена солидна основа за поширока и поорганизирана мисионерска активност во Македонија. Во тоа време Византиската Империја доживува нов расцут на културен план, па овој бран ги заплиснува и градовите што биле оддалечени од Цариград, посебно Солун. Во првите децении на IX век во Солун живее и семејството на висок службеник на царската власт, помошник на византискиот стратег на Солун и солунската област. Тоа бил Лав со својата сопруга Марија. Нивната народност е нејасна. Семејството имало повеќе деца, но се спомнуваат само имињата на најстариот - Методиј и најмалиот Константин. Дури не се спомнува и световното име на Методиј, кој ова го добил при замонашувањето.
Побожните родители ги упатиле своите рожби уште од најраното детство во христијанството, трудејќи се да им помогнат да ги применуваат возвишените христијански вистини во својот живот. Костантин уште од својата младост се занимавал со списите на свети Григориј Назијанзин и на Дионисиј Аеропагитски. Татко му го испратил во Цариград да го продолжи своето образование во императорското Магнаурско училиште, каде, освен богословските науки, се изучувале и граматика, аритметика, географија, астрономија, музика, поезија, реторика. Покрај овие науки, Константин учел и јазици - латински, еврејски и сириски. Откако го завршил своето високо образование, Константин бил назначен за библиотекар при црквата Света Софија, а потоа бил поставен за професор по философија во училиштето што го завршил. Тогаш го добил и името Константин Филозоф.
Што се однесува до Методиј, постојат мошне оскудни извори, според кои тој се здобил со световно образование и се посветил на државната и воена служба. Бил надарен со христијански добродетелен живот и државнички и воени способности. Подолго време управувал со брегалничката област и придонесол христијанството длабоко да се всади во македонската душа во тој дел на Македонија. За овој успех бил особено заслужен и неговиот брат Константин.
Мисионерската дејност на светите браќа меѓу Македонците, посебно возобновувањето и применувањето на македонската азбука е забележано во житието на Свети Наум. Ова му претходело на преведувањето на светите книги на јазикот на Македонците од солунско и на мисионерското дело меѓу западните Словени во Моравија.
Извесно време пред својата мисионерска дејност, светите браќа се повлекле во манастирот Полихрон на планината Олимп, каде всушност конечно се подготвиле за своето епохално мисионерско дело. Манастирското осамување го прекинале двапати кога биле испраќани од византиската власт од цариградскиот патријарх во мисии меѓу Сарацените и Хазарите. Овие мисии ги извршиле со голем успех. Во Краткото житие на Константин-Кирил, напишано од неговиот ученик Климент Охридски, се казва дека Кирил открил прет Хазарскиот каган дека не потекнувал от византиски род, али дедо му бил от хранените људе на туѓ „цар„, но побегнал во Византија.
Ростислав, кнезот на Велика Моравија, испратил молба до византискиот император Михаил III овој да испрати, епископ и учител, кој ќе им објаснува на нивни јазик вистинската христијанска вера. Изборот паднал на светите браќа. Тие биле речиси подготвени и за оваа мисија, зашто голем број од светите книги веќе ги превеле на македонски јазик, кој јазик бил разбирлив и за сите Словени. Тие веќе мисионерствувале во брегалничката област и во некои други области низ Македонија, на четвртиот по ред библиски, македонски јазик. Тие избрале достојни ученици и помошници и тргнале во Моравија. Таму биле пречекани со голема радост и со големи почести. Набргу потоа отвориле училиште, во кое ги подготвувале идните свештенослужители и учители за западните словенски народи. Тука наишле на голем отпор од германски свештеници: обвинувани за ерес. Биле принудени да појдат во Рим и да го докажат своето правоверие. Во Рим биле примени со големи почасти од папата Адријан II. Тој ги одобрил македонско-словенските богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата Санта Марија Маџоре и богослужби да се вршат на македонски јазик во три римски цркви. Кирил во Рим тешко се разболел и почина на 14 февруари 869 година. Методиј епохалното мисионерско дело меѓу западните Словени го продолжува сам со помош на своите ученици, кои во Рим биле ракоположени во свештенички чин. Непријателството од германските свештеници не престанувало. Истоштен од напори и измачувања, Свети Методиј почина во Нитра, 885 година. Неговите ученици биле подложени на измачувања и прогони. Некои од нив распродадени како робови.
Делото на светите браќа по смртта на Свети Методиј паднало во голема криза, но благодарение на нивните најдаровити ученици - Свети Климент и Свети Наум, охридските светители и чудотворци, учители и просветители, ползувајќи се со својот мисионерски метод, што имал за цел да им ја објави божјата вистина на новите народи, почнувајќи ја нивната културна самобитност, останал жив образец за Светата Црква и за мисионерите на сите времиња.
Светите браќа Кирил и Методиј успеале како Македонци да станат апостоли на Словените. Тие сакале да му служат на доброто на сите словенски народи и на единството на Универзалната црква. За овие и вакви свои заслуги, во своето апостолско послание "EGREGIAE VIRTULIS", папата Јован Павле II на 31 декември, 1980 година ги прогласи за сопокровители на Европа, чиј покровител е Свети Бенедикт, прогласен од папата Павле IV на 26 октомври, 1964 година.