Животни
Од Википедија, слободна енциклопедија
Животните се многуклеточни хетеротрофи кои минуваат одредени растојанија во потрага по храна, што значи дека тие не живеат седентарен начин на живот. Науката што ги проучува животните се нарекува зоологија. Порано, во животинското царство било вклучени и праживотните и некои други претставници, но со денешните поделби на живиот свет, тие се во посебно царство - протисти.
[уреди] Животински клетки, ткива и органски системи
Животинската клетка, како и растителната, е изградена од универзалните органели: клеточна мембрана, цитоплазма, јадро, рибозоми, митохондрии, ендоплазматичен ретикулум и други. Меѓутоа, за разлика од растителната клетка, животинската не е толку компактна поради отсуството на клеточен ѕид. Исто така, во животинската клетка не се сретнати вакуоли, сферозоми и пластиди.
Кај животните се разликуваат четири основни видови на ткива: епително, сврзно, мускулно и нервно. Покрај овие ткива, некои клеточни наслаги во телото на животното се одликуваат со посебен изглед и имаат специјални улоги. Тие, според своите морфолошки белези, не би можеле да се наречат ткива, но, сепак, се ткива. Тоа се половите продукти, крвта и лимфата. Половите продукти од половите жлезди стојат во тесна врска со епителот (герминативен епител), а крвта и лимфата како телесни сокови со неповрзани клеточни елементи, обично се доведуваат во врска со сврзното ткиво (иако можат да бидат толкувани и како посебни творби).
Органските системи се доста добро развиени кај животните. Всушност, секој орган во животинскиот организам не функционира самостојно, туку секогаш е во некаква врска со други, слични по форма или функција органи. Се среќаваат неколку органски системи:
- Локомоторен систем, или систем на органите за движење, кој се состои од коските и мускулите
- Дигестивен систем, или систем на органите за варење на храната
- Циркулаторен систем, или систем на органите за транспорт на материите низ телото, а понекогаш тука се вклучува и имунолошкиот систем за одбрана од различни видови болести или инфекции
- Екскреторен систем, или систем на органите за излачување на непотребните или штетни материи од организмот
- Респираторен систем, или систем на органите за дишење
- Нервен систем, или систем за брзо регулирање на работата на сите останати органски системи
- Ендокрин систем, или систем за побавно регулирање на работата на органите, потоа растот и развитокот на истите
[уреди] Поделба на животните
Животинското царство се одликува со голем диверзитет, што може да се види од следната листа:
- Без’рбетници
- Сунѓери
- Сплескани црви
- Жаркари
- Цевчести црви
- Мекотели
- Прстенести црви
- Членконоги
- Иглокожи
- Хордати